Првиот македонски авион во самоградба PDF Печати Е-пошта
Недела, 01 Октомври 2006 07:52

Првиот македонски авион во самоградбаПатот до првото полетување на ултралесниот авион Савана сопственост на дипл.инж. д-р. Дејан Трајковски и на Михајло Атанасов, професионален пилот во МАТ, беше трновит, долготраен но со успешен завршеток, што отвара пат кон нови достигнувања во областа на самоградбата на ултралесни воздухоплови.

 

 

 

На 06.07.2005 година на Битолскиот спортски аеродром крај селото Логоварди се одржа првиот лет на ултралесниот авион од типот Савана со регистарски ознаки Z3-SAA. Датумот 06.07.2005 година ќе остане забележан во историјата на македонското воздухопловство како ден кога за првпат полета со сите свои овластувања и под македонско знаме, авион направен во самоградба од кит-комплет.

За тоа огромна заслуга има и комисијата од Управата за цивилна воздушна пловидба, која за време на целиот период од почетокот, па до пред полетувањето вршеше контрола на градбата според важечките прописи за градба на воздухоплови. Да напоменам дека таа комисија беше составена од четири стручни лица од разни области и тоа: Коле Трендов, Воислав Дангубиќ, Ѓоре Иванов и Тихомир Карапанчев.

После сите предходни сугестии и контроли при градбата, стручните лица на Управата за цивилна воздушна пловидба, г. Коле Трендов и г. Ѓоре Иванов, извршија комплетен пред полетен преглед, а потоа дадоа дозвола за извршување на пробен лет на авионот.

Некаде околу 10 часот, што прецизно ќе се регистрира во листата на летање, пробниот пилот и еден од сопствениците на авионот, Михајло Атанасов, безбедно полета, направи лет во зона на аеродром и безбедно слета. Возбудувањето беше навистина големо иако во ниту еден момент не се сомневавме во способностите на градителот, во контролорите на градба, како и во пробниот пилот. Самото чувство дека се присуствува на еден таков значаен момент предизвика восхит кај сите присутни.

Првиот македонски авион во самоградба


 

Покрај стручните лица од Управата за цивилна воздушна пловидба присуствуваа и голем број роднини и пријатели на сопствениците на авионот, членови на аеро клубот "Мирко Тодоровски"-Битола, "Народна техника" -Битола и голем број други посетители.

Секако, по пробниот лет следеше процедурата на забелешки како од страна на комисијата, но и на пробниот пилот, кој се внесоа во книшката на летање на авионот Савана- 503.

На крај, да напоменам дека сопствениците во целост ја извршија поставената задача и го отворија патот кон понатамошни успеси. Се покажа дека не е проблем да се регистрира ултралесен авион под македонско знаме. Потребна е само соработка со Управата за цивилна воздушна пловидба, градба според важечки прописи и секако прецизност и знаење за градба.

Овој потфат го изведоа:

-механичар: Дипл. инж. д-р Дејан Трајковски
-пробен пилот: Михајло Атанасов, професионален пилот во МАТ, инструктор на летање на многу типови патнички авиони.

Од она што успеав да го дознаам од пробниот пилот Михајло Атанасов, се работи за солидна конструкција, беспрекорна градба, лесна управливост со воздухопловот.

Перица Поповски