Brewster Buffalo B-239 |
![]() |
![]() |
![]() |
Четврток, 23 Ноември 2006 14:14 | |||
Авионот е одобрен од американската морнарица во 1938 година која воедно го одобрува и сериското производство на овој модел. Иако за време на неговото користење овој авион војувал на неколку фронта и континенти, сега ќе ја спомнеме неговата улога со финските воздушни сили во време на Втората Светска Војна. Финска купува вкупно 44 В-239 на 16 декември 1939 година, но пристигнуваат многу касно за да бидат употребени во војната со Советскиот Сојуз. Авионите чинат 54 илјади американски долари по парче плус транспорт, а исто така се купени и 10 мотори, 20 пропелери како и други ситни делови со вкупна цена од 3.4 милиони американски долари. Интересно е да се каже дека Финска ги добива авионите од американската морнарица, и веднаш по испорачувањето се извршени мали модификации каде што се отстранети нишанските справи, куките и слични делови, а при тоа се монтирани германски нишани Реви. Авионите се придвижувани од моторите R-1820 G-5 кои исто така се користени кај легендарниот DC-3. Оружјето е исто така заменето од митралези 7.62 мм (0.303) со тешки митралези 12.7 мм со по 400 куршуми. Авионот има вкупно 4 митралези, 2 на носот и 2 на крилата. Седиштето е опремено со дополнителен оклоп како резултат на искуството од Зимската војна. За неговото користење во воени услови говорат победите што ги имаат остварено пилотите од финските воздухопловни сили, вкупно 496 непријателски авиони (СССР) со сопствени загуби на 19 авиони, или во просек 26:1. Последниот лет на овој авион во рацете на финските пилоти се случил во 1948 година. Иван Ефтимов
|